Боризовска симбол на моменталниот успех на ЖРК Куманово.

ЖРК Куманово како најстар спортски колектив во Македонија, отсекогаш посветувал големо внимание на младите категории и тие отсекогаш го одржувале клубот на едно пристојно ниво долги години наназад, иаку клубот многупати се соочувал со големи проблеми, многу наши ракометарки покажаа карактер, лојалност и верба на клубот и градот наш.

ЖРК Куманово во поновиот период од своето постоење со гордост може да се пофали со еден таков играч, Александра Боризовска.

Боризовска е дел од нашето плаво-бело семејство веќе долг период, од младите категории до првиот тим па се до капитен, лидер и симбол на моменталниот успех на нашиот клуб.

Во продолжение интервју со Александра Боризовска:

  1. Како се роди љубовта за ракометот кај тебе, кога почнавте да тренирате и кој ве поттикна за да тренирате?
  • Морам да кажам дека ракометот никогаш не ми бил интересен спорт. На своја 12-годишна возраст почнав да тренирам кошарка, но тоа беше многу кратко бидејќи тогаш во Куманово немаше женска екипа и немав услови да продолжам, додека женската ракометна екипа на Куманово бележеше добри резултати. Во оваа прилика го поздравувам и му се заблагодарувам на мојот професорот по физичко образование Синиша Филиповски, кој воедно беше и иницијатор да почнам да се занимавам со ракомет. Во ракометот се пронајдов, ми се допадна таа динамична игра и еве повеќе од една деценија како се занимавам со овој спорт.

2. Кој имаше најголемо влијание врз развојот на тебе како спортист?

  • Ние, спортистите, секојдневно сме изложени на психофизички напори, па така освен физичка спремност, ние градиме карактер. Да не заборавиме дека ракометот е колективен спорт, играчите се насочени едни кон други заедно со тренерите. Во екипата треба да владее хармонија, истрајност, желба за победа и според мене најглавната компонента е дисциплината. Исто така, уште од првиот ден ја имам целата поддршка од моето семејство и им благодарам што и ден денес веруваат во мене.

3. Дали може да се каже дека ракометот е една од клучните работи кои те изградија тебе како личност?

  • Да, може да се каже. Спортот бара жртва, напорни тренинзи, посветеност и дициплина. Се градиш како личност. Го осознаваш чувството како е кога си победник, но неизбежни се и поразите кои треба да ги прифатиме и да ни бидат поттик за уште повеќе работа.

4.Која е твојата позиција на терен?

Со оглед на околностите, мислам дека секој играч треба да знае да се снајде на било која позиција. Што се однесува до мене, откако почнав да тренирам, првите 5 години играв на лево крило, а подоцна на централен бек.

5. Со кој соиграч имаш остварувано најдобра соработка на теренот во изминативе години?

Како што кажав претходно, ракометот е колективен спорт и треба да дишеме како едно. На позицијата централен бек, воедно и како капитен носам огромна одговорност и со сите ракометарки треба да имам многу добра “комуникација” на терените, но и надвор од нив.

6. Кој е вашиот идол и со кого би сакале некогаш да заиграте заедно во рамките на Македонија?

Немам идол. Но надвор од границите на нашата земја, можам да ја издвојам норвежанката Стине Бредал Офтедал. Ми се допаѓа нејзиниот стил на игра и би била пресреќна ако некогаш се најдеме заедно на терените.

7.Кои се работите кои една успешна ракометарка треба да ги има?

  • Посветеност, истрајност, дисциплина, давање максимум на секој тренинг и се разбира вербата во себе која секој спортист треба да ја има.

8. Имаш ли некој успех на кој си особено горда?

Најголем успех на колективно ниво е освојувањето на Купот на Македонија претходната година, меѓутоа имам и многу индивидуални признанија, а од неодамна се најдов и помеѓу десете најдобри спортисти на општина Куманово.

9. Што претставува за вас наградата спортист за годината на град Куманово која ја добивте?

  • Најпрвин голема благодарност до сите што веруваат во мене. Ова признание ме прави горда и ми претставува огромна чест и задоволство и поттик да продолжам да тренирам со уште поголема посветеност.
Александра Боризовска со наградата спортис на годината на град Куманово.

10. Колку е важна поддршката на публиката за тебе како личност во текот на натпреварот?

  • Да се игра пред полна сала е дополнителен мотив за секој играч. Публиката претставува наш 8ми играч на теренот и ни ја дава максималната поддршка на секој натпревар.

11. Како гледате на развојот на ракометот во Куманово и воопшто во Македонија?

  • Ракометот секогаш бил спорт број 1 во Македонија. Оваа година имаме навистина одлична екипа, за тога говори и фактот дека на крајот на оваа сезона заслужено сме на првата позиција без ниту еден пораз. Исто така, како есенски шампиони сме и во младинска и кадетска лига. Женскиот ракометот во Куманово изобилува со млади таленти, кои допрва треба да се надоградуваат. За жал, што се однесува до македонското првенство, морам да кажам дека оваа година е на многу слабо ниво.

12. Кое е мотото кое те води низ спортот?

  • Максимум на тренинзи, дисциплина и секако, како што реков претходно, верба во себе.

13. Што ќе им препорачате на младите кои сакаат да се занимаваат со ракометот?

  • На младите, доколку се занимаваат со ракометот или со било кој друг спорт, би им препорачала, да даваат максимум, да бидат посветени, истрајни и дисциплинирани, бидејќи само така се постигнуваат добри резлутати. Да си спортист е вистинска привилегија 🙂
error0
Споделете

Start a Conversation

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *